Барање за извинување и итно преземање мерки по повод бркањето на новинарите од Собранието на РМ
- Target:
- Здружение на новинари на Македонија
- Region:
- Macedonia, Republic of
Денес, на 24 декември 2012 година, новинарите кои ја следат работата на македонското Собрaние беа избркани од своите работни места од страна на обезбедувањето на Собранието и други непознати лица. Ова се случи со лажно и измамничко објаснување дека седница нема да има, а во ситуација кога во собраниската сала беа присутни пратениците од опозицијата, чии активности новинарите имаа право и должност да ги следат.
Непосредно по новинарското бркање од галеријата, од собраниската сала под неа, со употреба на физичка сила, исто од собраниското обезбедување и од непознати лица, а под директна контрола на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и на министерот за финансии, Зоран Ставревски, како и со ракоплескање на пратеници од владеачката партија, беа избркани и пратениците од опозицијата, при што имаше и физички судири предизвикани од собраниското обезбедување и други непознати лица. Со ова, беше прекршен Деловникот на Собранието, Кривичниот законик на РМ, Законот за полиција, како и Уставот на РМ.
Ваквиот чекор, покрај тоа, предизвика и вжештување на ситуацијата пред Собранието, зашто симпатизерите на опозицијата не можеа мирно да посматраат како власта ги тепа нивните колги внатре во зградата, што, пак, придонесе за зовривање на атмосферата и засилени судири меѓу симпатизерите на двете спротивставени страни и полицијата, што пак доведе до телесни повреди кај неколку лица кои мораа да бараат медицинска помош.
Господине Груевски,
Во тоа име, а со оглед на погоре опишаните настани, на кои и дел од нас и самите бевме сведоци, ние долупотпишаните новинари и уредници од медиумите ширум Македонија, без оглед на видот на медиумот, неговата уредувачка орентација и јазикот на кој медиумот се издава или емитува, под најитно бараме:
1. Повлекување на вашето навредливо „искрено жалење“ за „една непријатност во Собранието со новинарите“ и наместо тоа целосно, и лично, но и официјално извинување за манипулативното бркање на новинарите од собраниската галерија, а со цел да се скрие од нив последичното насилно бркање на опозициските пратеници од собраниската сала;
2. Ваше барање за оставки и нивно прифаќање од ваша страна од министерот за финансии, Зоран Ставревски и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, како наредбодавци на насилниот чин во собраниската сала;
3. Итно јавно објавување на собраниските видео ленти од чинот на насилно бркање на пратениците од опозицијата од собраниската сала и нивно доставување до сите национални телевизии и национални радио станици, сите дневни весници, како и десетте најчитани информативни портали според листата на агрегаторот Тајм.мк.
4. Итно доставување на сите видео ленти од собраниската сала, а кои се снимани во текот на бркањето на новинарите од собраниската галерија и насилното бркање на пратениците од опозицијата од собраниската сала до Секоторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, а со цел покренување истрага за учество на вработени во МВР во овие незаконски активности.
5. Итна истрага за авторството на најновото соопштение, објавено од страна на МВР, Сектор за односи со јавноста и информации од јавен карактер, а во кое Министерството ги надминува своите уставни овластувања и навлегува во дневна политика, отворено ставајќи се на страна на една политичка опција за сметка на друга, при што јавно се признава дека од страна на МВР се преземени „мерки и активности“ со цел „да обезбеди услови пратениците да постапат по обврските кои ги имаат, а произлегуваат од мандатот што им го доверија мнозинството граѓани на Република Македонија на непосредни, демократски избори.“ Како што е познато, грижата за тоа како пратениците постапуваат или не постапуваат по нивните обврски во Собранието е комплетно надвор и од законскиот и од уставниот мандат на МВР и спаѓа во доменот на политички одлуки на политичките субјекти во Собранието и во доменот на граѓаните на избори.
6. Паралелно со оваа истрага, бараме преку Министерството за правда покренување кривични пријави до Јавното обвинителство за сите лица кои учествуваа во измамата направена за бркање на новинарите и против сите лица кои учествуваа во насилното бркање на опозицијата од собраниската сала, а со цел одговорните да бидат предмет на законски санкции за нарушувањето на јавниот ред и мир, примена на физичка сила, вршење измама со цел прикривање насилство и учество во злосторничко здружување за вршење на насилнички чин, како и кршењето на член 16 од Уставот на РМ, кој гарантира слобода на мислењето и изразувањето.
7. Итно отповикување на главните и одговорни уредници на Македонската информативна агенција и Македонската телевизија, како медиуми во јавна сопственост, но кои денес ја пострамотија професијата, комплетно пренебрегнувајќи ги настаните и во и пред Собранието се до моментот на донесувањето на буџетот за 2013 година во присуство само на пратениците од владеачките партии и ДПА.
8. Итна истрага за тоа кој издал наредба сите новинари, сниматели, фотографи, тонци и друг помошен персонал од новинарските куќи да бидат избркани, но не и оние од Собранискиот канал и откривање кој им дозволи ним да останат и да ја снимаат во живо седницата на Собранието, со кое образложение и зошто и тие не беа избркани или дали можеби за нив важат посебни критериуми кои не важат за сите останати новинари.
Господине Груевски,
Ако во рок од 24 часа од моентот на доставувањето на оваа петиција не одговорите позитивно на барањата во неа, покрај опозицијата, ќе имате уште еден, сосема поинаков, посебен и одвоен, но силен и далеку поопасен опонент, кој нема претензии да ве порази на политички план и да ви ја земе власта, но кој ќе стори се да ве порази на секој друг можен план – морален, етички, професионален, законски и, она што е најопасно за вас – на јавната сцена, пред цел народ, односно да ве понижи пред целата македонска и светска јавност исто онака како што денес вие ја пониживте нашата професија.
Потписи:
You can further help this campaign by sponsoring it
The Барање за извинување и итно преземање мерки по повод бркањето на новинарите од Собранието на РМ petition to Здружение на новинари на Македонија was written by Vladimir Petreski and is in the category Civil Rights at GoPetition.